Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Народниот театар од Охрид со „Несфатената цивилизација“ вечерва на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Прилеп/Охрид, 15. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Народниот театар од Охрид вечерва од 22:00 часот ќе ја одигра претставата „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристевска- Петрушева, како дел од програмата на претпоследниот ден на 57. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Во претставата „Несфатената цивилизација“ од Добри Војнико, играат: Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов, Филип Кипровски, Никола Тодороски и Ивица Цонев.

– „Несфатената цивилизација“ е претстава за припадноста, честа, етиката и моралот. Претстава за културолошкиот и социолошкиот идентитет на човекот. Претстава за глобализацијата и традицијата, како и за ефектите од нив врз целокупното општествено живеење. „Несфатената цивилизација“ е комедија, што преминува во гротеска и иронија, и што прави детална и болна дисекција на нашата целокупна колективна свест, вели режисерката Ристевска- Петрушева.

Фестивалот се одржува под мотото „Враќање дома“ и на него учествуваат македонските национални театарски ансамбли во натпреварувачка конкуренција во повеќе категории. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука