Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

На охридскиот аеродром пристигнаа првите патници со обновениот лет од Белград на Air Serbia (Фото)

Охрид, 19. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид денеска пристигнаа првите патници од Белград, со што се одбележа обновувањето на авиолинијата Белград-Охрид-Белград на Air Serbia.

Од денеска аеродромот во Охрид ќе биде точката за повторно поврзување со Белград, 4 пати неделно или секој понеделник, среда, петок и сабота, со што ќе се зајакне регионалното поврзување и поттикнување на економскиот и туристичкиот раст.

Air Serbia, националниот авиопревозник на Србија, ќе ги обнови директните летови меѓу аеродромот „Никола Тесла“ во Белград и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, нудејќи им на патниците удобна и сигурна опција за патување меѓу двата динамични града со воздухоплови АТ7 со капацитет од 66 седишта. Со обновувањето на оваа воздушна линија се докажуваат напорите за соработка меѓу Air Serbia и ТАВ Македонија, со цел подобрени можности за патување за патниците, поттикнување на туризмот и олеснување на деловните врски.

– Ние, како ТАВ Македонија, со задоволство ја пречекуваме Air Serbia назад на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид како и обновената авиолинија на релација Белград-Охрид, по паузата од 2017 година. Ова обновување не само што повторно го поврзува Охрид, бисерот на Балканот, со главниот град на Србија, Белград, исто така означува и важна пресвртница во нашите напори за закрепнување по тешкиот и предизвикувачки период со кој се соочи авиоиндустријата на глобално ниво. Дополнително, повторното воведување на летовите на релација Белград-Охрид не само што ќе им користи на патниците кои патуваат за одмор но, исто така, ќе служи и како катализатор за економски раст на двете дестинации. Ќе го промовира туризмот, ќе ги зајакне деловните врски и ќе ја олесни културната размена меѓу Србија и Македонија. Уверени сме дека обновувањето на оваа авиолинија ќе обезбеди огромни можности за соработка, трговија, и размена на идеи. Тимот на охридскиот аеродром е посветен на обезбедување безбедно и ефикасно аеродромско искуство за сите патници додека тесно соработува со Air Serbia за да се осигура дека нивното патување е непречено и пријатно, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Патниците кои патуваат на релација Белград-Охрид можат да очекуваат исклучителна услуга и удобно патување со авиокомпанијата Air Serbia, додека аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид останува посветен на обезбедување одлична услуга, давајќи ѝ приоритет на безбедноста, како и придонесувајќи за економскиот раст и развој на локалната заедница и туристичката индустрија.

– Почнувајќи од денес, нашата компанија ќе лета меѓу Белград и Охрид четири пати неделно, секој понеделник, среда, петок и сабота. Веруваме дека нашите летови ќе бидат дополнителна мотивација за патниците од целиот регион на Западен Балкан летово да го посетат Охрид и да откријат зошто го носи атрибутот „Ерусалим на Балканот“, изјави Бошко Рупиќ, Директор за комерцијални работи и стратегии на Air Serbia.

Патниците можат да ги резервираат своите авионски билети преку веб страницата на Air Serbia и ќе имаат можност за само час и половина да пристигнат во Охрид или Белград, да уживаат во нивниот престој и да ги посетат извонредните места и атракции на двата града. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука