ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Општина Дебрца Охрид ТОП ВЕСТИ

ПСС по пронаоѓањето на исчезнатата жена кај Горно Средорече: Во планина бидете внимателни и соодветно опремени, носете храна, течности и мобилен телефон

Охрид, 20. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 19-ти јуни 2023 година, во 20:55 часот, оперативниот центар на Планинската спасителна служба (ПСС) од Охрид, од страна на СВР доби пријава за исчезнато женско лице на околу 32 годишна возраст, кое собирало шумски плодови во атарот на селото Горно Средорече, информираат од службата.

– Веднаш по пријавата, согласно процедурите за пребарување и спасување во вакви ситуации, ПСС излезе на терен со 9 припадници и едно куче за пребарување. По пристигнување на местото каде последен пат била забележана жената, во координација со членовите на семејството и мештани од соседните села, кои со неколку возила веќе ја пребаруваа пошироката област, во 22:30 часот ја започнавме потрагата, која за жал не даде позитивни резултати. Поради тешко проодниот терен, во густа дабова шума, акцијата беше прекината во 02:00 часот утринава, со план истата да продолжи веднаш по разденувањето. Во 06:00 часот утрово, тимовите на ПСС повторно се упатија на местото, но за среќа, акцијата беше прекината по 30-тина минути, по дојава од членови на потесното семејство на жената, со информација дека истата е пронајдена жива и неповредена, потенцираат од ПСС.

Тие уште еднаш апелираат до авантуристите и локалното население кое од различни причини се движи на планина и шумски предели, да бидат внимателни, соодветно опремени за условите, како и да носат со себе доволно количество храна, течности и мобилен телефон со полна батерија. (Крај)

извор: ОхридПрес/ПСС фото: ПСС

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука