Охрид, 3. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Водата во градскиот водовод во Охрид ги задоволува законските стандарди за безбедна вода за пиење, покажуваат анализите на Центарот за јавно здравје од Охрид извршени во текот на изминатите два дена.
Според директорот на Центарот Атанаско Михаилов, анализите покажале и отстапувања во однос на употребата на дезинфекциско средство, а забележана била и матност над дозволеното кај одредени извори.
– Примероците на вода земени на во текот на вчерашниот ден од селата во Дебарца кои имаат сопствен водовод како што се Сливово, Слатино, Издеглавје, Песочан, Велмеј, Лешани, Белчишта, Ботун, Мешеишта и Подмолје покажаа недостаток на дезинфекционо средство, а водата од селата Сливово, Сливово-извор, Издеглавје-извор и Подмолје беше со зголемена матност над максимално дозволените граници, истакна Михаилов на денешната прес-конференција.
Во однос на примероците вода земени денеска, тој додаде дека во тек е нивната анализа.
– Во текот на денешниот ден се земени примероци на вода од градските водоводи во Охрид и Струга, како и од села од Дебрца и Струга и анализите се во тек. Првичните резултати од хемиската анализа ќе ги имаме во попладневните часови, а резултатите од комплетните анализи ќе бидат готови в четврток, појасни Михаилов.
Како што беше речено на денешната прес-конференција во Центарот за јавно здравје, извештаите од анализите, навремено се испраќаат до соодветните инспекциски служби и институции како што се Агенцијата за храна и Центарот за управување со кризи за понатамошно постапување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес