јуни 23, 2023

Охрид, 23. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска стартува обуката за спасители на отворени води, што се одвива под водство на национални инструктори за безбедност на вода.

Пријавени се вкупно 13 кандидати, обуката ќе трае 8 дена, заклучно со 30-ти јуни. Обуката ќе се одвива и претпладне и попладне интензивно и тоа теоретски во нашите простории и практично на капалиштата што се специфични на охридското крајбрежје, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

– Вчера одржавме прелиминарен состанок со пријавените кандидати. Денес се прелиминарните тестови, проверка на психофизичката способност, плвање нуркање, соодветно на критериумите на Меѓународната федерација за безбедност на вода. Ќе видиме колку од нив ќе ги поминат тестовите и ќе продолжат со обуката во попладневните часови. Очекуваме дека пријавените успешно ќе ја завршат обуката и ќе можеме да ги ангажираме на капалиштата, додаде Точков.

За разлика од години претходно кога имало по 50-60 кандидати, Точков потенцира дека за жал не е голем интерсот, иако платите за ангажираните спасители биле солидни.

Со оглед на тоа што летната сезона започна, Точков вели дека дел од капалиштата, како хотели „Метропол“, Golden beach, веќе пројавиле интерес, па таму веќе од 1-ви јули ќе започне ангажманот на спасители на вода, соодветни парамедици, кои во текот на летниот период ќе се грижат за безбедноста на капачите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука