Поградец, 26. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Откако на 26-ти мај објави детали од планот како ќе изгледа брегот на шеталиштето на потегот помеѓу Поградец и Тушемиште на албанската страна од Охридското Езеро, премиерот на Албанија Еди Рама објави нови фотографии од уредените плажи на овој потег.
– Поградец со седум јавни плажи со бесплатни чадори и посебен простор за лица со посебни потреби, напиша Рама на неговиот официјален профил на Facebook.
Претходно тој порача дека на овој потег, на туризмот и стопанството му се става на располагање уште еден од скапоцените камења од албанската природа, со проект кој започнува од мостот „Дрилон“, оди до изворите на Загорчан и стигнува до царинската точка „Тушемиште“.
– Оваа интервенција, во период од 12 месеци ќе донесе голема позитивна промена и ќе има значително влијание врз ренесансата на Поградец, порача неодамна Рама.
Во меѓувреме, Охридското Езеро, кое е поделено меѓу Република Македонија и Албанија се соочува со сериозни закани кои го уништуваат неговиот екосистем и го загрозуваат статусот на УНЕСКО.
Огромен проблем на албанската страна е и отпадот од рудниците во Албанија кој продолжува да го загадува екосистемот на најголемото езеро на Балканот. Илјадници тони рударски отпад, сè уште се наоѓаат на работ на езерото или се расфрлани во ридовите околу него.
Од УНЕСКО потенцираат дека рударската активност е некомпатибилна со светското наследство и и’ препорачаа на Албанија, за време на мониторинг мисија во 2020 година, најитно да ја премести и рехабилитира рударската депонија покрај езерото и да обезбеди трајно затворање на каква било рударска активност во овој регион. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Еди Рама