Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Левица Охрид: Крајбрежјето повторно узурпирано од финансиерите на предизборната кампања на градоначалникот на Охрид

Охрид, 12. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридското крајбрежје e повторно узурпирано и тоа спротивно на препораките на УНЕСКО, реагираат од локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.

– Покрај тоа што Владата гo усвои предлогот Охридското Езеро да биде заштитенo подрачје од трета категорија како споменик на природата и усвои информации за уредување на плажите и други зафати во градот што е во сериозна опасност да го изгуби статусот – град под заштита на УНЕСКО. Наместо да биде донесен План за управување во согласност со одредбите на Законот за заштита на природата, повторно почнаа со работа плажите, некои со старо-нови концесионери, а за нив пред неколку години се испостави дека всушност и не плаќале концесија. Според препораките на УНЕСКО, дел од нив беа предвидени за рушење, коишто имаат платформи во водите на Охридското Езеро. Овие денови забележано е дека во трка за профит, сопствениците на плажите го узурпираат со лежалки просторот којшто требаше да биде слободен, за оние кои не можат или не сакаат да најмат лежалки. Огласот што беше распишан од локалната самоуправа за уредување на плажите беше за издавање на шанкови, но реалната ситуација е дека некои од објектите работат како ноќни клубови. Пред почетокот на туристичката сезона градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, се пофали со уредување на плажите на охридското крајбрежје, но наместо современо и културно уредување, тој одлучи да им угоди на профитерите кои му ја финансираа предизборната кампања. Да ги потсетиме Кирил Пецаков, градоначалникот на Охрид и Министерството за транспорт и врски дека согласно член 4, став 1 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, покрај одредбите од овој закон, при управувањето со светското природно и културно наследство во охридскиот регион се применуваат и одредбите од УНЕСКО и документи донесени на оваа Конвенција. Според ваквите дејствувања, само бизнис елитата, односно профитерите од локалната и централната власт имаат интерес од ваквиот начин на уредување на охридските плажи дури и по цена на постојани негативни извештаи што Охрид ги добива од Комисијата на УНЕСКО, што укажуваат на опасноста Охрид да го изгуби статусот Град на УНЕСКО, стои во дописот до медиумите од Локалниот огранок на Политичката партија Левица, од каде апелираат до инспекциските служби ефикасно, транспарентно и отчетно да ги извршуваат надзорите и соодветно да реагираат на терен. Охрид треба да претставува животно искуство за многу туристи и посетители, а не крајбрежје во кое не може да се разминат посетителите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука