Лондон/Охрид, 12. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Зошто треба да го замените езерото Комо за Охрид во Македонија? Убаво вино, сонце, тераси покрај вода, возења со брод и Стар град на листата на УНЕСКО. Охридското Езеро има се’ што би посакале од едно шик место за одмор, но за само мал дел од цената, открива новинарката Sarah Holt за престижниот Independent.
– Ова место полека го откриваат туристите од Британија, пред се’ благодарение на неодамна воведените директни летови на TUI од Манчестер и Гетвик. Градот Охрид и неговото Охридско Езеро имаат статистика која всушност ги надминува нивните попознати италијански колеги. Охридското Езеро е повеќе од двојно поголемо од Комо, факт што најдобро се забележува при патување со брод околу брегот. Карстните карпи се протегаат со километри, отстапувајќи му го местото на непреченото зеленило на Националниот парк „Галичица“, пишува Holt.
Таа ја опишува и посетата на Манастирот Свети Наум и манастирската црква со фрескоживописот каде што е погребан Свети Наум.
– Легендата вели дека ако го ставите увото на површината на гробот, сè уште можете да го слушнете чукањето на неговото срце, но јас сепак одлучувам да не ја ставам таа теорија на тест, пишува Holt за Independent.
Со повеќе од милион години, Охридското Езеро е постаро од италијанските езера, а градот Охрид е признаен како една од најстарите човечки населби во Европа. Шетајќи низ Стариот град и нагорнината до тврдината на Цар Самуил од 11 век, помеѓу бедемите добивам чувство дека чекорам низ историјата.
– Историските локалитети на Охрид ја претставуваат секоја фаза од минатото на Македонија. Градските порти кои првично биле изградени во 4 век п.н.е., амфитеатарот со 5.000 седишта, градски куќи од 18 век и црквата „Света Софија“ која влече корени од 6 век. Токму овој слој од историјата му го донесе местото на стариот град Охрид на листата на светско наследство на УНЕСКО. Областите на езерото се исто така вклучени во списокот, бидејќи тие обезбедуваат дом за повеќе од 200 видови растенија и бројни ендемични видови риби. Прошетајте по која било улица во центарот на градот и ќе ги откриете неговите продавници за накит. Тука е рачно изработениот сребрен филигран со нежни дизајни, но и охридските бисери, кои ги носеа кралицата Елизабета Втора и принцезата Дијана, го опишува Охрид Holt. (Крај)
извор: Independent фото: Independent