Охрид, 21. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Димитар Пејчиновски е македонски репрезентативец во текбол, спорт замислен како комбинација на пинг понг и фудбал.
По вокација е наставник по историја во Основно училиште во Нови Сад, но од 2019 година го открива текболот, спорт во кој одлично се пронашол.
Освен за македонската репрезентација, активен е и на клупско ниво, член е на новосадскиот клуб „Лиман“, а има учествувано на 30-на турнири низ цела Европа.
Со Димитар поразговаравме за неговите почетоци, учествата на бројни турнири, плановите за во иднина, но и на кое ниво е текболот како спорт во Македонија.
Инаку, текбол е вид на спорт што е основан во 2014 година во Унгарија од Габор Борсани, поранешен професионален фудбалер и Виктор Хусар, програмер. Текбол е игра меѓу двајца играчи како сингл, или меѓу три или четири натпреварувачи како игра во двојки и личи на пинг понг. Ултра популарниот спорт, што зема сѐ поголем замав, се игра на заоблена маса со топка слична на фудбалска, која се префрла со кој било дел од телото, освен со рацете.
Супер радио: На почетокот накратко за самиот спорт, за оние кои можеби не знаат што опфаќа текбол?
Пејчиновски: Самиот спорт е замислен како комбинација на пинг понг и фудбал. Пинг понг поради тоа што играме на маса, за разлика од масата за пинг понг нашата е закривена на краевите што дополнително ја чини оваа игра поинтересна, а елементи од фудбал затоа што е дозволено да се користи секој дел од телото, освен рака. Некоја моја дефиниција на овој спорт е нешто тотално поинакво од ова што го кажав, повеќе е сличен самиот спорт со некои игри што ние ги знаеме како серва, ножен тенис и слично.
Супер радио: Зошто избра токму текбол и колку време се занимаваш со овој спорт. Дали играш сингл или во парови?
Пејчиновски: Со овој спорт се запознав во 2018 година кога дел од мојата екипа со кои игравме фудбал го открија овој спорт и заминаа на текбол турнир и веднаш ми рекоа дека е спорт кој мене би ми одговарал кога е играњето во прашање и кога беше организиран првиот меѓународен турнир во 2019 година во Нови Сад зедов учество и навистина ми се допадна. Може да се каже дека од ноември 2019 година го тренирам и се занимавам со текбол. Зависи од самата организација на турнирите, но најчесто се натпреварувам во поединечна конкуренција. Кога имам можност, се натпреварувам и во комбинација на парови, како и во комбинација машко-женски парови, што според мене е најинтересна дисциплина што постои во текболот.
Супер радио: Во досегашната кариера ја имаш претставувано Република Македонија на Светски и Европски првенства. Неодамна се врати од Краков, каде учествуваше на Европските игри. Со какви резултати и впечатоци се враќаш од ваквите настапи, дали стекна дополнителни искуства?
Пејчиновски: Имам настапувано на три Светски првенства, меѓутоа нешто што е круна на мојата досегашна кариера секако се неодамна завршените европски олимписки игри во Краков. Пред две години, кога официјално беше објавено дека овој спорт ќе се најде во програмата на европски олимписки игри тоа го зедов како некоја цел, да се квалификувам меѓу најдобрите европски играчи и успеав во тоа. Ова е нешто што ме прави навистина среќен, што успеав да бидам таму. Впечатоците се секако одлични, ја користиме секоја можност да се прикажеме во најдобро светло, како на теренот така и надвор, да се претставиме себеси, потоа нашата земја и град да ги претставиме во најдобро светло. Беше навистина голема чест да се биде дел од македонската делегација на игрите во Краков, многу пријатна атмосфера владееше во репрезентацијата и мислам дека тоа е еден здрав пристап кон комплетното натпреварување, здрава основа за во иднина да бележиме што подобри резултати.
Супер радио: Имаше преговори текболот да стане олимписка дисциплина.
Пејчиновски: Игрите во Краков беа како вовед во она што следи и сите ние играчи што се натпреваруваме во текбол го очекуваме, дека официјално од 2028 година текбол ќе стане олимписки спорт. Во наредните месеци треба да се знае конечната одлука дали ќе стане олимписки спорт.
Супер радио: На кое ниво е овој спорт во Македонија?
Пејчиновски: Кај нас за жал сé уште текболот е на ниско ниво. Најголем проблем е тоа што немаме маси за играње и на тој начин не можеш да го претставиш соодветно. Со турнирот што се одржа во јануари годинава во Скопје, почнаа да се случуваат некои нови моменти, така што мислам дека за овој спорт во нашата земја доаѓаат подобри денови и се надевам дека следната година во ова време веќе ќе можам да најавам некој голем турнир во нашиот град. Во регионот многу се работи овој спорт да заживее и да стане повеќе популарен, да се направи голема база на играчи. Па, така од 30-ти јули во Бар, Црна Гора почнува Јадранска лига, би требало да се одржат неколку турнири во Црна Гора, во Македонија, Србија Босна и Хрватска и на крај да видиме кој ќе биде победник.
Супер радио: Кои се твоите планови за во иднина?
Пејчиновски: Плановите за во иднина максимално се поврзани со самиот спорт, пред сé гледам да закрепнам од една незгодна повреда што ја влечам од турнирот во Скопје, гледам побрзо и подобро да се опоравам, за да можам на подобар начин да се претставувам на следните натпреварувања. Текбол е спорт што доста се шири низ цел свет. За почеток на август е закажана азиска турнеја, турнири во Кина и Тајланд, следи турнир во Лос Анџелес, па Рио Де Женеиро, но мораме да бидеме реални според нашите услови за учество на овие турнири, така што мислам дека прв меѓународен турнир на кој ќе можам да се натпреварувам е оној во Пула, на 15-ти септември. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/архива