Поградец, 26. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во насока на зголемена безбедност на гостите и посигурна туристичка сезона, локалниот здравствен сектор при Општина Поградец во сеседна Албанија спроведе испитување на квалитетот на водата.
– Извршен е мониторинг и испитување на квалитетот на водата на брегот на Охридското Езеро, на потегот од Лин до Тушемишта, на растојание од 5, 50 и 100 метри од брегот. Сите физичко-хемиски и бактериолошки параметри се во рамките на дозволените граници, информираат од Општина Поградец.
И покрај овие наоди, Охридското Езеро, кое е поделено меѓу Република Македонија и Албанија се соочува со сериозни закани кои го уништуваат неговиот екосистем и го загрозуваат статусот на УНЕСКО.
Огромен проблем на албанската страна е и отпадот од рудниците во Албанија кој продолжува да го загадува екосистемот на најголемото езеро на Балканот. Илјадници тони рударски отпад, сè уште се наоѓаат на работ на езерото или се расфрлани во ридовите околу него.
Од УНЕСКО потенцираат дека рударската активност е некомпатибилна со светското наследство и и’ препорачаа на Албанија, за време на мониторинг мисија во 2020 година, најитно да ја премести и рехабилитира рударската депонија покрај езерото и да обезбеди трајно затворање на каква било рударска активност во овој регион. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива