Здравје Избор Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Светскиот ден за борба против хепатитисот ќе се одбележи во Охрид и Струга

Охрид/Струга, 27. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Секоја година, 28-ми јули се одбележува како Светски ден за борба против хепатитисот.

Министерството за здравство на Република Македонија, во соработка и партнерство со Хепар Центар Битола и Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“ од Охрид, Универзитетските Клиники за Гастроентерохепатологија, Инфективни заболувања, Дигестивна Хирургија, Онкологија, интервентна радиологија ги претставуваат најзначајните напредоци и активности во борбата против хепатитисот, црнодробниот карцином и други заболувања на црниот дроб во нашата земја.

– Нашата кампања ќе се одржи во повеќе градови во нашата земја по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот за подигнување на свесноста на населението. На оваа кампања, ќе ги претставиме резултатите од најновите истражувања и напредокот во лекувањето на хепатитисот B и C, како и црнодробниот карцином. Додатно, сме горди да ви најавиме дека го отвораме првиот црнодробен центар во нашата земја. Центарот е опремен сo најсовремена дијагностика и современа терапија, што ќе ни овозможи да ги зголемиме шансите за излекување и подобрување на квалитетот на живот на пациентите. Амбулантно возило од Урегентиот центар опремено со најсвремнеи тестови за тестирање на хепатитис Б, Ц и ХИВ како и најсовремен еластограф кој ќе се изведува бесплатен и анонимен скриниг на граѓаните за црниот дроб. Еден од најголемите предизвици во борбата против хепатитисот е превенцијата и раното откривање. Затоа, со голема посветеност, ќе ја претставиме нашата мобилна единица, која ќе обезбедува тестирање за хепатитис Б и C, како и ХИВ и еластографија неинвазивна дијагностика базирана на ултразвук која се користи за мерење на (лузни) оштетувања на црниот дроб или фиброза предизвикани од најразлични заболувања на црниот дроб во осум градови во нашата земја: Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Струмица и Штип. Оваа иницијатива ни овозможува да стигнеме до поголем број на луѓе и да го препознаеме заболувањето во рана фаза, што е од суштинска важност за успешното лекување, информираат организаторите.

Додаваат дека нивната борба против хепатитисот не се ограничува само на овој ден, туку трае цела година.

– Ние сме решени да продолжиме да ја подигнуваме свеста кај луѓето за заболувањата на црниот дроб и начините за превенција и лекување. Министерството за здравство, Хепар Центар Битола, клиниките и другите здравствени институции, работиме за подобрување на здравствената нега и услугите за сите граѓани. Благодариме на сите што ќе учествуваат и ја помогнат нашата кампања и ќе бидат дел од активностите поврзани со Светскиот ден за борба против хепатитисот, потенцираат во дописот до медиумите.

Во недела, на 30-ти јули 2023 година, на Градскиот плоштад во Охрид, во периодот од 09:00 до 11:00 часот ќе се одржи настанот, а прес конференцијата на која ќе бидат соопштени деталите ќе започне во 10:00 часот.

Истиот ден, настан ќе се одржи и на Градскиот плоштад во Струга, во близина на Мостот на поезијата, во периодот од 18:00 до 20:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука