Охрид, 30. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Службите на ЈП „Охридски Комуналец“ го санираат опожарениот дел на депонијата „Буково“, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
– Врз основа на член 118 став (1) точка 10 од Законот за управување со отпадот, а во врска со член 37 став (6) општински/овластен инспектор за животна средина од Охрид е во континуирана комуникација со ДИЖС заради вршење вонреден инспекциски надзор во нестандардна комунална депонија „Буково“, Охрид во врска со опожарување на депонијата. Службите на ЈП „Охридски Комуналец“ од Охрид, го санираат опожарениот дел, а во неколку наврати интервенирала и Противпожарната единица на град Охрид. Депонијата со механизација се затрупува со земја и се гаси, а до самозапалување е дојдено поради високите температури, како и испуштањето на метанскиот гас. Депониското тело утре ќе се третира и со посебна течност-алга, информираат од инспекторатот.
Додаваат дека состојбата се следи интензивно на терен од страна на инспекциската служба и укажано е да се вклучат сите расположиви капацитети (човечки и механизација) за санирање на состојбата во насока на спречување на понатамошно загадување на воздухот и животната средина и заштита на здравјето на луѓето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива