Струга, 1. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Истакнатиот македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија.
Башевски е добитник на наградата за поетската збирка „Дни, години“ во издание на „Слово“, велат во соопштение до јавноста од СВП.
Во образложението за одлуката се вели дека жири -комисијатата оценила дека наградената стихозбирка „Дни, години“ од Димитар Башевски, претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија.
– Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство, велат од СВП.
Песните на Башевски, како што е наведено, носат наталожени животни и творечки искуства вклопени меѓу кориците на една стамена книга на автор од формат, чии резимирачки поетски изблици претставуваат густ и во исто време прочистен и прозрачен сублимат со слоевити значења и пораки.
Во потесен круг за наградата „Браќа Миладиновци“, покрај книгата „Дни, години“ на Башевски беа и „Две мориња“ на Јосип Коцев, „Мед и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска, „Филмски песни“ на Дејан Трајкоски и „На врв на јазикoт“ на Катица Ќулавкова.
Димитар Башевски, романсиер, раскажувач, поет, преведувач, издавач. Роден во 1943 година во с. Ѓавато, Битолско. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ во Скопје. Автор е на повеќе дела меѓу кои „Туѓинец“, „Враќање“, „Нема смрт додека ѕвони“, „Една година од животот на Иван Плевнеш“, „Куќата на животот“, „Сарајановскиот каранфил“, „Дневникот на Ања“, „Прозорци“, „Мајсторот“, „Скршнувања“, „Круг“… Негови книги се преведувани и објавувани на англиски, чешки, грчки, романски, српски, турски, бугарски, црногорски и албански јазик. Избори од неговата поезија се објавени на англиски јазик во Лондон, на грчки јазик во Атина, на романски јазик во Букурешт и на српскијазик во Белград. Застапуван во поголем број антологии на македонската литературa во земјата и во странство и во македонските енциклопедии.
Добитник е на наградите „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, наградата Роман на годината (“Утрински весник”) за романот “Бунар”, како и државната награда за долгогодишни остварувања „Св. Климент Охридски“. Романот „Бунар“ во 2002 година беше номиниран за меѓународната награда „Балканика”, додека книгата раскази „Мајсторот“, беше во најтесниот избор за меѓународната „Његошева награда“ за 2015 година.
Наградата „Браќа Миладиновци на Башевски ќе му биде врачена, традиционално на манифестацијата „Мостови“ на фестивалот Струшки вечери на поезијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива