Охрид, 3. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Расфрлани лименки, пластични и стаклени шишиња, остатоци од храна во градскиот парк, центарот на градот, но и во езерото, ваква е сликата овие денови низ Охрид во доцните вечерни часови и наутро.
Екипи на охридското комунално претпријатие постојано се на терен и го собираат ѓубрето, но за жал ваквите слики се повторуваат секоја година и излегува онаа позната реченица, не можете толку да исчистите колку што можеме да изгнасиме.
– Продолжуваме со максималниот ангажман за чистење на јавните површини-кејот, градското пристаниште, малото пристаниште кај Палас, во близина на Амамот, градскиот парк и други локации. Во вечерните часови се спроведува машинско миење на коловози, пешачки патеки и други јавни површини, кое на одредени места е надополнето со рачно миење. Се одржува хигиената во и околу локациите каде се одржуваат концерти, информираат од „Охридски комуналец“.
Колку и службите да чистат, сепак нивото на хигиена најмногу зависи од нашата и свеста и културата на самите посетители. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ЈП „Охридски комуналец“