Охрид, 4. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – По последните случувања околу депонијата Буково со палењето на ѓубрето и мирисот на чад што се чувствува и во градот, особено во утринските и вечерните часови, од охридскиот Центар за јавно здравје со апел за претпазливост до лицата кои се на терен и до граѓаните.
Бараат надлежните институции веднаш да преземат соодветни мерки и активности за решавање на проблемот, а граѓаните кога ќе почувствуваат мирис на чад да не ги отвораат прозорците и да останат во своите домови.
– Деновиве, особено во вечерните и раните утрински часови, во Охрид и пошироката околина видлива е заматеност во воздухот и се чувствува непријатен мирис на чад, неофицијално, предизвикано пред се од горењето на комуналната депонија во Буково. Поради опасноста што може да ја предизвика опасниот чад предизвикан од неконтролирањето спалување/горење на комуналниот отпад, врз здравјето на луѓето, Центар за јавно здравје апелира до надлежните институции веднаш да преземат соодветни мерки и активности за решавање на проблемот. Особено предупредуваме луѓето кои непосредно ќе учествуваат во справувањето со комуналниот смет на депонијата која гори, да користат соодветни заштитни средства (маски, очила и сл.) Апелираме до граѓаните на Охрид, гостите, туристите, додека не се реши проблемот со горењето на комуналниот смет на депонијата во Буково, во вечерните и утринските часови да не ги отвораат прозорците и доколку почувствуваат мирис на чад, да останат во своите домови, стои во апелот од Центарот за јавно здравје.
Инаку, речиси една недела гори депонијата Буково. Ветерот го разнесува чадот, а одговорните тврдат дека прават обиди и напори да се санира состојбата. Од ЈП „Охридски Комуналец“ велат преземени се мерки за гаснење на пожарот на депонијата „Буково“. Изминатава недела биле подметнати два пожари на оваа локација, депонијата е третирана со алги, а со специјална механизација делот од депонијата кој e зафатен со пожар се покрива со големи количини земја, информираат од претпријатието. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива