Охрид, 6. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со секое силно невреме и поголеми бранови во езерото, состојбата е се’ полоша. Некогаш беше вистинска препознатливост на Охрид – малото „Островче“, денес е во исклучително лоша состојба.
Репортерите на Супер радио и OhridPress утрово по вчерашното невреме, направија видео и неколку фотографии на кои јасно се гледа состојбата во која е во моментов оваа локација.
Островчето е запишано во аналите и колективната историја на градот Охрид. Токму затоа, како редакција, уште во 2020 година, изработивме комплетен проект и предлог за негова санација. Супер радио и OhridPress распишаа Конкурс на кој се пријавија бројни млади архитекти со нивни предлози за тоа како треба да изгледа ова место.
Истите ги отстапивме бесплатно на охридската локална самоуправа, а снимивме и документарен филм „Да го вратиме сјајот на охридското Островче“, во кој за тоа какво било, какво е, но и какво сакаме да биде во иднина разговаравме со историчарот доц. д-р Никола Митровиќ- Бабе, Кире Чорбе, дипл. градежен инженер во пензија, проф. д-р Павле Митрески, екологистот Ѓоко Зороски, Горан Устијаноски, капетан на Капетанијата на македонските пристаништа, но и бројни граѓани, кои се сеќаваат на „Островчето“ од нивната младост.
Во емисијата која има и своја англиска верзија, се користени стари фотографии кои ја раскажуваат приказната за едно убаво време, длабоко врежано во спомените на охриѓани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес видео: Супер радио