Охрид, 8. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни спортски, но и забавно едукативни настани, од 19-ти до 27-ми август во Охрид ќе се одржува „Ohrid water festival“.
Програмата во рамки на деветте фестивалски денови опфаќа 17 спортски настани, надополнета со голем број социјално-забавни настани.
Фестивалот има неколку главни цели, а трите главни се промоција и развој на водените спортови, заштита на Охридското Езеро и негова промоција, како и збогатување на туристичката понуда. Централен настан ќе биде традиционалниот Охридски пливачки маратон.
– Ова е нешто што му доликува на Охрид и оваа иницијатива на градоначалникот треба да прерасне во нешто препознатливо за Охрид. Една од главните цели е и заштитата на Охридското Езеро и негова промиција со сите вредности што ги има па и на самото лого е претставен ендемски вид на алга што покажува колку сме посветени на заштита на езерото. Вклучени се сите клубови и здруженија што се занимаваат со водени спортови, а дел од фестивалот е и научната институција „Хидробиолошки завод“ од Охрид, потенцира Јоне Станкоски од организациониот одбор.
„Ohrid water festival“ како спортско туристички производ е поделен во два дела, спортски дел што ќе се случува од 19-ти до 27-ми август и социјално едукативен дел што ќе се случува во вечерните часови, ќе има концерти, забава со Dj-и, панел дискусии, изложби, промоција на храна и пијалоци автентични за охридскиот регион.
Долги години наназад слушавме и дебатиравме дека е потребна поголема промоција на водените спортови на Охридското Езеро и дека на Охрид му е потребна масовна манифестација која ќе придонесе за развојот на градот како интересна дестинација за спортски туризам, истакна на прес конференцијата градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
– Низ заедничка соработка, конечно успеавме од зборови да преминеме на дела и нашите идеи да ги претвориме во реалност. Се работи за една нова спортска приказна која е симбол на неизмерната љубов кон нашето уникатно Охридско Езеро испреплетена со нашата голема желба за поголем развој и популаризација на водените спортови. Манифестацијата вклучува натпревари и активности на вода и има за цел да допре до најмладата популација и да им ги промовира сите позитивни аспекти на водените спортови и да придонесе за зголемување на интересот и свеста за здрав начин на живот, подвлече Пецаков.
Претседателот на фестивалот на водени спортови Никола Вретоски истакна дека како настан е единствен во светот од ваков тип и со ваков концепт и дека 80% од спортските настани се олимписки спортови.
– Ќе има пливачки митинг, веслачка, кајакарска и едриличарска регата, триатлон во Струга, прва регата околу Охридското Езеро, после долги години се враќаат водените лудории, турнир во едрење, трка со СУП даски, трка на отворени води 5 и 10 км, промоција на рекреативно нуркање, ревијален ватерполо турнир. Главен настан ќе биде традиционалниот охридски пливачки маратон под покровителство на Општина Охрид и клубот „Охридски бранови 2008“. Фестивалот ќе биде заокружен со акватлон и регата со традиционални кајчиња. Во рамки на социјално едукативната програма што ќе биде во период од 19:00 до 23:00 часот, на 21-ви август ќе се одржи концерт на Ѓоко Танески, следуваат забави со локални бендови и Dj-и, изложби, панел дискусии, рече Вретоски.
На прес конференцијата беше претставена и официјалната веб страна на фестивалот ohridwaterfestival.mk, како своевиден акелератор на сите случувања во рамки на фестивалот, но и воопшто на сите водени спортови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес