Охрид, 3. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Селото Долно Лакочереј веќе трети ден е без вода за пиење, реагираат жителите од ова населено место.
Во дописот којшто пристигна до нашата редакција, загрижен жител вели оти во селото кое е оддалечено од Охрид само 4-5 километри нема ниту капка вода.
– Веќе трети ден сме оставени на милост и немилост, а сето тоа заради негрижа на месниот одбор во Долно Лакочереј. Срамно е, во 21-век, во населено место кое е оддалечено од Охрид само четри-пет километри и во период кога од сите страни има вода заради поволниот хидролошки период, со денови да немаме вода, а сето тоа заради негрижата и несовесноста на месниот одбор, реагира жител од Долно Лакочереј.
Како што ни пишува тој, месниот одбор во селото не одвојувал средства за жителите да имаат континуирано вода.
– Уште посрамно е што, во селото има и мали деца и новороденчиња на кои им е неопходна беспрекорна хигиена, реагира револтираниот жител од охридското село Долно Лакочереј. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: WebOhrid