Охрид, 12. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – И покрај напорите на екипите на ЈП „Охридски комуналец“ за санација на депонијата „Буково“, денеска сепак истата продолжува да гори.
– Опожарениот терен на депонијата се покрива со повеќе слоеви земја кои секојдневно се транспортираат и нанесуваат. Во досегашните активности се употребени 1.200 м3 земја, информираа вчера од претпријатието.
Денеска беше видливо дека пожарот е изгаснат, но и дека чад се’ уште излегува, а силна е и смрдеата која се чувствува околу локацијата на депонијата.
Сите одговорни, како единствено решение за овој проблем ја посочуваат регионалната депонија во општина Новаци, од каде деновиве побараа изградба на нов обрач за да не поминуваат камиони со отпад од другите градови низ населените места во Новаци.
Најавите се дека оваа депонија треба да биде готова во 2024 година, но се’ уште нема план или проект за алтернативната траса што ја бара општина Новаци. Ниту самите градоначалници на општините не знаат кога ќе заврши овој проект кој се ветуваше неколку години.
Депонијата во Новаци е дамнешно ветување кое треба да стави ред во оваа област во Охрид, Струга, Кичево и Битола, каде во моментов има бројни диви депонии каде се одложува ѓубрето. (Крај)
извор: ОхридПрес/Тв21 фото: ОхридПрес