Охрид, 14. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Традиционална Таеквондо Федерација (Таеквондо ИТФ) од 18-ти до 26-ти август ќе учествува на Светското таеквондо ИТФ првенство во Астана, Казахстан.
Ќе учествуваат тројца натпреваручи, кои се европски медалисти и најдобри поединци, како и две официјални лица.
Подготовките се одвивале изминатите два месеци. Го дадовме нашиот максимум и се надеваме на солидни резултати, според нивниот историјат на успеси можеме да веруваме во нашите натпреварувачи, иако за нив ова е прв настап на Светско првенство, вели Марјанчо Лазаревски претседател на МТТФ и предводник на нашата репрезентација.
– Во Казахстан патуваат Христијана Парулеска црн појас I дан, Давид Крстески црн појас I дан и Елена Јанеска црн појас I дан, а во својство на официјални лица сме јас и Зоран Парулески, потпретседател на МТТФ. Тројцата претставници на нашата репрезентација се искусни натпреварувачи и Европски медалисти, кои упорно се подготвуваа во текот на летната сезона, зад себе имаат бројни медали, па се надеваме дека ќе го дадат максимумот и ќе нé израдуваат со добар пласман. Учеството е под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, благодарност до Општина Охрид која помогна за подготовките на нашата репрезентација, како и до генералниот спонзор „ПН Метал”, потенцира Лазаревски.
Сите членови на нашата екипа имаат антидопинг сертификати, кои се задолжителни за учество на сите врвни натпреварувања. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива