Избор Култура Општина Дебрца ТОП ВЕСТИ

Заврши 38-та Интернационална уметничка колонија „Дебрца 2023“

Белчишта, 14. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во селото Белчишта, општина Дебрца, вчера заврши 38-та Интернационална уметничка колонија „Дебрца 2023“.

Годинава, најстарата ликовна колонија во Македонија, беше посветена на нејзиниот основоположник, неодамна починатиот педагог и ликовен уметник, Ѓорѓија Целески, додека неговото дело продолжува во рацете на новото раководство под менторство на внуката на основоположникот, Мартина Целеска.

Колонијата се оддржа во уметничката галерија која е отворена во 1985 година, а обновена во 2005 година и најново реновирана оваа година 2023. На интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, твореа 10 ликовни уметници и тоа: Јордан Манасиески од Охрид, Ставре Димотров- Стадим, Запро Запров, Војдан Запров и Натали Николоска од Скопје и Андреј Антевски од Куманово, кој беше и најмладиот учесник на годинешната Колонија.

Од странските автори твореа монголскиот конзул Леетив Намдаг Жанчивин – мистер Ли, Петар Бељашки и Велислава Пежгорска од Бугарија и Светлана Соло Орлова од Русија.

Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ има најбогат фонд уметнички дела во земјава и располага со над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија и светот што претставува, непроценливо македонско и светско културно наследство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука