Вевчани, 15. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во црквата „Свети Никола“ во Вевчани, во рамките на културната манифестацијата „Вевкул“, вечерва од 19:00 часот ќе биде промовирана монографијата „Македонија, Горна Река-село Кичиница, историски видувања и записи“ од Драган Попоски- Стојнин.
Моногафирјата е издание на „Бата прес“ и на промоцијата за неа ќе зборуваат Мишо Китаноски, писател, новинар и публицист, Ефтим Клетников македонски поет, книжевен критичар, есеист и преведувач кој е и рецензент на делото, како и историчарот д-р Павле Митревски, универзитетски професор во пензија.
– Книгата е полемична. Драган Поповски- Стојнин со многубројни документи, ги оспорува тезите на поранешниот пратеник на ДУИ Бранко Манојловски и на неодамна починатиот д-р Бранко Синадиновски за етничката и верската припадност на жителите од овој крај. Имено, тие тврдат дека во Кичиница живеат православни Албанци. Се наведува дека станува збор за монографија која е плод на долгогодишна подготовка и во која се истражува историјата на Кичиница, на селата во Горна Река, топонимите низ историјата, јазикот, христијанската вера, обичаите, црквите, манастирите, празнувањата на црковните празници, традиции, како и за отпорот на горнореканците и Македонците кон однародувањето… Во голем дел од монографијата „е претставено историското минато, милениумскиот континуитет на опстојувањето на Македонците на Балканскиот Полуостров. Тука се претставени факти за етногенезата на Македонците споредбено со етногенезата на Грците, Бугарите и Албанците, доселувани и населувани низ столетијата“, пишува во рецензијата д-р Михајло Миноски.
Ефтим Клетников, познат македонски поет, преведувач, книжевен критичар и есеист, во рецензијата за книгата, меѓу другото пишува, дека Драган Попоски- Стојнин „во својата потрага по македонскиот идентитет, а поаѓајки од Кичиница како модерен архетип на македонскиот историски проклетилак, интуитивно и со една понорна рефлексија, сјајно се надоврзува на Ѓорѓија Пулески, најзначајниот македонскиот преродбеник кога станува збор за идентитетот.
Драган Попоски- Стојнин е роден во Вевчани, во 1940 година. Виорот на Втората светска војна бил трагичен за неговата фамилија и како дете без родители растел во детските домови во Битола, Скопје, Кратово, Ресен, Битола, Валандово, Битола. Во Битола, во 1960 година завршил гимназија, а Медицински факултет и специјализација завршил во Скопје. Работел како лекар, а во 1992 година, меѓу првите во Република Македонија, ја формира приватната здравствена организација, Аптеки „Биолек“. Покрај медицинската дејност, тој го проучува и демографското прашање во Република Македонија. Хоби му се сликарство и изработка на уметнички ракотворби. Во 2017 година во издание на „Бата прес“ ја објави поетската книга „Резби“. По пензионирањето живее и твори во Охрид. (Крај)
извор: skopskoeho.mk фото: skopskoeho.mk