Охрид, 15. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – „Албум“ е насловен најновиот проект на младиот пијано виртуоз Бобан Мирковски. Содржи 12 најпознати македонски евергрини од македонски композитори со нови аранжмани за соло пијано.
Тоа што потекнува од можеби најголемото музичко семејство на Балканот како да го трасира неговиот пат. Тој е најмладиот потомок на Благој Петров- Караѓуле, татко му е познатиот композитор Љупчо Мирковски, а тетин аранжерот Дамир Имери. Дипломирал во класа на маестро Симон Трпчески, а сега е професор по пијано во училиштето „Илија Николовски Луј“. Со Бобан поразговаравме за љубовта кон пијаното, која музика му лежи на срце освен класичната, неговите настапи, освоени награди, но и за професорското искуство.
Супер радио: Мирковски вие сте класичен пијанист. За самиот почеток кажете ни од каде љубовта, зошто го избравте токму пијаното, колку долго музицирате и дали можеби тука имаше влијание вашиот татко?
Мирковски: Едноставно тоа се случи спонтано. Да, моето музичко педигре е јасно познато и веројатно спонтано и природно си дојде целата работа. Како го одбрав инструментот, тоа е склоп на околности. Татко ми како композитор дома имаше опрема на која на која работеше, имаше синтисајзер на кој секое дете сака да се обиде да произведе звук, почна како забава сето тоа на мои 3-4 години и одеднаш му рекон на татко ми на мои 5 години дека сакам да бидам музичар и да бидам пијанист. И тоа беше чудно тогаш за толку мало дете, но јас тогаш одлучив дека ќе бидам пијанист и не се откажав до ден денешен.
Супер радио: Имате дипломирано во класата на маестро Симон Трпчески. Дали успеавте да „украдете“ дел од неговото богато изведувачко искуство, каква беше соработката?
Мирковски: Тоа многу често го кажувам, искуството со него ми е многу драго заради тоа што не само оној технички аспект од нашата работа, интерпретацијата како таква, она што ми е најзначајно искуство во соработката со него е искуството од сцена. Сцената сама по себе е многу различна од она што ние дома, на часови или било каде го работиме, каде работиме техника, интерпретација, тоа е една приказна, а сосема друг аспект од нашата работа е сцената, публиката. Токму тоа ми беше најважно да го „украдам“ така кажано од него, многу сум горд на тоа искуство.
Супер радио: Сега сте професор по пијано во училиштето „Илија Николовски Луј“. Па кажете ни малку и за ова искуство.
Мирковски: Природен тек на настаните, јас учев до пред извесно време, сега сум јас веќе 10 години професор. Многу е различно, морам да признаам, времето сега на образование на овие деца од времето кога ние учевме иако е вакуум период од малку години, меѓутоа децата се многу различни, времето си го направи своето. Ние се обидуваме токму во чекор со тоа време да успееме некако да ги насочиме децата кон класичната или современата музика низ една класична призма, така што контактот професор – ученик е сосем различен од тоа што беше порано и некако успеваме да „пливаме“ во сето тоа, јас сум задоволен.
Супер радио: Актуелни сте, ако може така да се каже, со проектот „Албум“. Кажете ни што содржи ова издание и колку сте задоволни?
Мирковски: Албумот го нарековме „Албум“ имајќи предвид дека опфаќа поширок период на композиции. Албум не значи само музички албум, албум значи албум на сеќавања, слики…многу ми е драго што добив шанса од периодот од 60-те па сé до раните 2000-ти години македонската музика, композиторите ми дадоа дозвола од нашата автентична забавна музика едни од најголемите хитови да ги преработам, морав да одберам 12 од нив, им благодарам многу на сите автори кои дадоа дозвола еден калсичен пијанист во едни нови аранжмани. Навистина сум многу задоволен, во моментот додека го креиравме не бев ни свесен што правиме во суштина. Ова е мој втор албум исто во издание на „Баги комуникации“, додека го работевме бев многу среќен и задоволен и немав ни време, ни шанса да размислам колку всушност е значајно ова што го правиме, заради тоа што за жал македонската автентична музика, особено забавната е некако во слободен пад во последниве години и се надевам дека со еден ваков проект ќе успееме да направиме нешто за овие млади да ги дознаат тие композиции, да ги слушаат, да создаваат нови врз база на целото тоа, така што сега засега сум навистина многу задоволен.
Супер радио: Колку е значајно ваквото реиздавање на овие композиции, независно во каков аранжман?
Мирковски: Апсолутно е важно, особено да речам во овие тешки периоди за нас како нација, како држава. Навистина е многу важно да зачуваме нешто што е навистина непроценливо богатство. Во овие моменти, за жал децата, имам можност да го гледам тоа, овие деца сега не зборуваат македонски јазик, ми одговараат на англиски, не слушаат македонска музика, слушаат странска особено од подрачјето на САД, па дури и од Европа веќе не сушаат музика, слушаат музика од Кореа и други земји, што емотивно ме погодува, имајќи го предвид моето музичко педигре, едноставно сметам дека треба да направиме нешто што го имаме само да го прошириме и да го потенцираме како квалитет.
Супер радио: Покрај овој имате и уште еден албум, „Facing the sun“, секако бројни настапи но и награди.
Мирковски: Точно, ова е мој втор албум, „Facing the sun“ беше мојата лична карта како класичен пијанист, тоа е класичен албум на кој има композиции од Шопен и Хачатурјан. Едноставно како класичен пијанист првиот албум мораше да биде класичен, јас генерално сакам да шарам многу, да опфаќам нови правци и ми е драго што имам и таков албум. Имам доста награди зад себе, меѓутоа не можам да издвојам некоја посебно, сите ми се многу драги, а да бидам искрен најдраго ми е односот со публиката и сцената, наградите се убаво признание, но односот со публиката и сцената се она за што живеам.
Супер радио: Рековме дека сте класичен пијанист, но која музика сакате да ја слушате за релаксација, во кола или кога немате настапи?
Мирковски: Тоа е многу интерсен спој, јас важам за еден од најголемите фанови на бендот Queen, што како класичен пијанист некако нема некоја длабока поврзаност, меѓутоа не знам зошто, едноставно ми е наследство од времето кога татко ми ги слушал тие бендови кога биле актуелни. Слушам секакви правци, но можеби рокенролот, донекаде џезот и класичната музика се онаа база врз која се развивам цел живот и нормално онаа наша автентична забавна музика што не е класичен поп, туку автентична забавна музика што ја нема апсолутно никаде на друго место, освен кај нас и во моментов ми е најзначајна.
Супер радио: Збор два и за музиката на групата Queen, во пандемиски услови одржавте еден супер настан, да ни кажете повеќе за тоа.
Мирковски: Тоа е еден концерт што нема да го заборавам никогаш, не само поради концертот како таков, туку и поради сите околности во тоа време. Станува збор за концерт посветен на Фреди Меркјури, во 2021 година на 24-ти ноември се одбележаа 30 години од смртта на Меркјури, тоа е мојот идол од светската сцена и требаше да се направи еден концерт мој, се мислевме дали да е класичен, но дојдов до тоа дека сакам да ја одбележиме годишнината и кај нас. Почна спонтано, тогаш имаше и протоколи, сертификати… она што сакаме да го заборавиме. Навистина во сите тие околности, еднаш беше одложен поради автобуската несреќа во Бугарија, па се случи дојава за некакви бомби, па го одложивме побторно за некој час. Тоа е концерт што не можам да го заборавам никогаш, меѓутоа тоа дополнително придонесе за луѓето да сакаат да го слушнат тоа, а ние да бидеме опуштени на сцена, беше Влатко Стефановски, Ади Имери, Адријана Јаневска, Ирена Димовска, Дани, тоа беше концерт за паметење.
Супер радио: Ќе завршиме со ваша оценка на актуелната домашна музика. Дали имате впечаток дека порано како да се создавала далеку поквалитетна музика, а доказ за тоа е што опстојува до ден денес.
Мирковски: Во принцип е наблагодарно да кажам дека мислам дека е така, меѓутоа да, секое време си носи и своја музика и свои движења. Моето лично мислење е апсолутно дека порано се создавала многу поквалитетна музика за жал, што е чудно заради тоа што сега ги имаме сите услови, можности. Веројатно западните или не знам чии влијанија го прават сето тоа, сега се посветува внимание на некои текстови што се во најмала рака дискутабилни, некој невкус, не знам зошто е тоа така. Особено пак во нашава држава, еве во Охрид бев неколку пати летово, гледам што се случува околу тие концерти, јас никогаш не сум имал против никого и сакам што е можно повеќе луѓе да одржуваат концерти од било каков тип музика, тоа значи дека ја враќаме публиката. Но, самата публика имам чувство дека порано се посветувало повеќе внимание на едукација на публиката, публиката беше поедуцирана бидејќи им се сервираше поквалитетна музика, не дека порано немало невкус и неквалитет, ама некако избиваше на површина квалитетот. Во последно време не сум сигурен дека ја наоѓаме формулата за успех и се надевам дека заедно, ние музичарите, медиумите, општествените движења дека ќе успееме да се избориме со сето ова, верувам дека е како и се друго, период што ќе помине и ќе излеземе попаметни и поискусни од сето ова. (Крак)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес