Охрид, 17. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Бесправно градење, сообраќајна незгода со мопед, бесправно градење, пукање кон кучиња домашни миленици… се само дел од информациите поместени во последниот Полициски Билтен.
На 16-ти август 2023 година, во 15:45 часот, на улицата „Марко Нестороски“ во Охрид, 49-годишен охриѓанец, управувајќи мопед „СИМ“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и со мопедот паднал на коловозот. Возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 56-годишен прилепчанец, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, на објава на еден портал на социјалната мрежа Facebook, напишал коментар со недолична содржина со кој ширел говор на омраза.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 65-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Тој, на катарстарски имот во Охрид во државна сопственост, без соодветно одобрение од надлежен државен орган, извршил доградба на деловен простор.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 63-годишен охриѓанец поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „несовесно работење во службата“. Тој, од 2020 година во својство на службено лице- вработен во Националниот парк „Галичица“, не изготвувал или уништувал записници за сеча на дрвна маса во месноста „Јадера“, атар на селото Трпејца, вршел наплата на дрвна маса во готово и на граѓани им изготвувал фалсификувана документација.
На 16-ти август 2023 година, во 20:30 часот во Вевчани, полициски службеници од полициското одделение во струшкото село Велешта лишија од слобода 67-годишно лице од Вевчани. Тој се сомничи дека околу 18:00 часот со воздушна пушка пукал кон кучиња домашни миленици, сопственост на лице од Вевчани, кои на улица биле во придружба на сопственикот. Пушката е одземена, а по целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес