Охрид, 22. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро е за еден сантиметар под просекот за август.
Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,45 м.н.в, што е за 1 сантиметар под просекот за август (693,46 м.н.в), односно 35 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в).
И додека на почетокот на месецов нивото на водата беше значително над просекот, во текот на август се бележи константен пад. Па, така, на 1-ви август водостојот бил на кота од 693,54 м.н.в, а сега 693,45 м.н.в, што значи опаднал за цели 9 сантиметри.
Температурата на водата е во рамки на просекот и натаму е погодна за капење и изнесува 23,5 степени.
Во Охрид денес сончево и многу топло време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен и североисточен правец. UV индексот ќе биде 8, а максималната температура ќе се искачи до 33. степени.
– Во текот на работнава седмица ќе се задржи многу топло време со дневна температура која на повеќе места ќе надминува 35 степени. Насекаде ќе биде активирано жолто, а во некои делови и портокалово ниво на опасност од висока температура. Од утре во попладневните часови ќе има појава на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи, особено во четврток и сабота, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР