Струга, 22. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – На денешната презакажана 25-та и редовната 26-та седница на Советот на Општина Струга, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа декларацијата поднесена од советничката група на Алијанса на Албанците, со која се предлагаше советниците да гласаат за изземање од одговорност од одуките донесени во рамки на Советот и заеднички побараа оставка од страна на актуелниот градоначалник Рамиз Мерко.
Се побара декларацијата да биде ставена на дневен ред и да има гласање по истата. Мнозинството во Советот, ДУИ и СДСМ, гласаа против, а советниците на опозицијата ја напуштија седницата. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ, во Советот на Општина Струга, и досега јасно и недвосмислено се залагале за легалистички пристап во донесување на одлуките и благовремено реагирале на сите незаконски изгласани одлуки.
– Остануваме посветени во заложбите граѓаните на Струга и струшко да ги уживаат сите неопходни ресурси и потреби за достоинствен живот. Веруваме во правдата и во максимата дека никој не е недопирлив пред законот, потенцираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струга. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива