Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Поради дождот, годишниот концерт на Ансамбл Билјана ќе се одржи во црквата „Св. Софија“

Охрид, 5. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Поради врнежите од дожд, наместо во предворјето, вечерва, по единесетти пат, во катедралната црква „Св. Софија“, ќе се одржи традиционалниот годишен концерт на Ансамбл Билјана.

Оваа година настанот ќе има еден малку поинаков концепт – „Една песна една пиказна“. Ќе бидат представени неколку приказни за Охрид и неговата музичка историја, а наратор ќе биде Проф. Валентина Божиновска. Гости на годинешниот концерт ќе бидат Мартина Максимовска, професор по народно пеење и член на националниот ансамбл „Танец“ и Мухамед Бајрам од групата „Цар Самоил“, професор по виолина.

Ансамбл Билјана, како четврта трубадурска генерација во нашиот град тежнее кон зачувување и продолжување, а воедно и унапредување на музичката традиција. Настанот започна како чествување на шеесет години од формирање на ансамблот од страна на Кузман Поп- Стефанија и континуирано се одржува до денес како обид за зачувување на духот на охридската староградска песна.

Концертот ќе започне со задоцнување од половина час, во 20:30 часот, а билетите кои чинат 200 денари и се продаваат во ограничен број, можете да ги резервирате на телефонскиот број 075/895-405 и ќе се подигнуваат на влез, еден час пред почетокот на концертот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Love & Life FB/Ансамбл Билјана Охрид Ansambl Biljana Ohrid

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука