Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Започнува подводниот филмски фестивал во Струга

Струга, 7. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на неколку подводни ентузијасти, вљубеници во нуркањето и подводниот свет од Нуркачкиот клуб „Скаут“ од Струга, од денеска до 10-ти септември, по втор пат ќе се одржи Scout International подводниот филмски фестивал 2023 година.

– Меѓународен карактер има бидејќи и првата и оваа година имаме учество на филмови од цел свет, како и филмови изработени од нуркачи од Македонија. Фестивалот има ревијален карактер и прикажува филмови изработени од аматери и професионални сниматели на подводниот свет. Нашата намера е во иднина овој фестивал да добие натпреварувачки карактер, како и поголемиот дел од светските фестивали од ваков тип. Со Скаут меѓународниот фестивал на подводен филм ја славиме уметноста на подводното снимање и прикажувањето на сета убавина која ја кријат водите. Како нуркачи ја имаме честа да го „живееме“ овој свет, да ја доживуваме сета негова убавина, а преку филмовите кои ги изработуваме, сакаме овој свет да го доближиме до пошироката публика. Преку организацијата на овој фестивал, една од намерите ни е подводните убавини кои ги имаме во Македонија да ги претставиме на меѓународната заедница и во иднина да имаме што повеќе гости кои ќе сакаат да ја истражуваат уникатноста на нашите езера, реки и подводни пештери, порачуваат организаторите.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот „We“ на Канадската продуцентка и инструкторка во нуркање Julie Ouimet, кој е краток приказ на нуркачите, работите кои ги сакаат, истражуваат и во кои уживаат – природата, подводниот свет, истражувањата и често, екстремните работи.

Свеченото отворање на фестивалот е утре, кога во утринските часови ќе се спроведе акција на подводно чистење на Охридското Езеро во потегот на струшките села.

Филмски проекции ќе има на 8-ми и 9-ти септември 2023 година, а тематските филмовите ќе опфатат: флора и фауна (подводен свет), спелео нуркање (подводни пештери), планинско нуркање (планински езера), подводни археолошки наоѓалишта, истражувачки нуркања (потонати бродови, авиони и сл.) филмови кои се однесуваат на зачувување на подводниот свет и подигнување на еколошката свест кај луѓето за зачувување на водите.

Фестивалот е од отворен тип и поканета е целата публика заедно да уживаме и да ја славиме убавината на подводниот свет. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука