Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

47. издание на „Струшка музичка есен“

Стругам 9. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), викендов во Струга, по четириесет и седми пат се одржува манифестацијата „Струшка музичка есен“.

Манифестацијата која речиси пет децении се реализира на струшкото крајбрежје, нуди можност музиколозите, музичките и балетските педагози, музичките теоретичари, музичките медиависти, етномузиколозите заеднички да ги разгледаат прашањата и темите од нивните потесни научни области и да ги презентираат пред своите колеги и стручната јавност.

Оваа година манифестацијата носи наслов „Македонското музичко творештво и постмодерната“. Во рамките на дводневната конференциска програма ќе бидат претставени девет научни реферати, поделени во секции според тематиката која ја обработуваат, од страна на истакнати македонски истражувачи, музиколози, етномузиколози и византолози. Рефератите третираат различни аспекти и состојби на македонското музичко творештво и музичката култура во контекст на историјата и на постмодерната, но обработувват и теми од областа на фолклорот, музичката анализа и византиската музика.

Манифестацијата, чии годинашни селектори се музиколозите и членови на СОКОМ – Јулијана Жабева – Папазова и Елени Новаковска, свечено беше отворена синоќа со концерт на гудачкиот квартет на СМЕ и дела од Ристо Аврамовски, Гоце Гавриловски, Горан Начевски и Благој Цанев.

„Струшка музичка есен“ е единствената платформа на годишно ниво во нашата земја која ги третира сите прашања поврзани со науката, теоријата и праксата во македонското музичко творештво и македонската музичка култура. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука