Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Отсекување на главата на Св. Јован Крстител

Охрид, 11. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат денот кој не потсетува на страдањето на Свети Јован, кој е наречен уште и кум Божји. Овој ден во верскиот календар е обележан со црвени букви, а исто така се налага пост, без разлика на кој ден во неделата е.

Страдањето на Јован Крстител се случило за време на царот Ирод Антипе, кој бил син на Ирод Постариот, убиец на витлеемските деца родени за време на Исус Христос.

Тој Ирод бил оженет со ќерката на арапскиот кнез Арет. Тој ја избркал својата законска жена и си ја зел за љубовница Иродијадина, жената на својот брат Филип.

Против ова безаконие се јавил и Свети Јован, но тоа го чинело темница. Во текот на една забава на која играла Саломија, ќерката на Иродијадина и Филип, паднала и одлука за отсекување на главата на Свети Јован. Со својот стомачен танц Саломија успеала да го маѓепса веќе пијаниот цар, и по наговор на мајка си ја барала главата на Свети Јован на тацна. Царот тоа веднаш и го наредил.

Смртта на Светиот Јован се случила пред големиот еврејски празник Пасу. Царот Константин и царицата Елена изградиле црква во Севастија на 11-ти септември, и поради тоа овој празник е земен за празнување овој ден.

Со примерот на отсекувањето на главата на Свети Јован во текот на забава полна со алкохол и заблуда, се покажува колку човечкиот мозок може да биде зол кога е помрачен со грев.

Кај нас овој празник има долга традиција и спаѓа во групата на големи христијански празници, кои нашиот народ посебно ги почитува.

Се избегнува било каква работа, како надвор, така и внатре во куќата. На денешен ден цело семејство пости, а народот се собира во храмовите на литургија. (Крај)

извор: МИА фото: МИА

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука