Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Театарската група при Црвен крст Охрид ја изведе претставата „Бара“ во Требиње, Босна и Херцеговина

Охрид, 11. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пред бројната публика во Културниот центар во Требиње, Босна и Херцеговина, театарската група на Црвен крст Охрид во петокот, на 8-ми септември, успешно ја изведе претставата „Бара“.

Младите охридски актери, на креативен начин ги прикажаа животните судбини и предизвици на жртвите на еден систем со нарушени вредности, борбата на човекот со различни искушенија и неправди поминувајќи по тежок пат исполнет со очај и рамнодушност, лутајќи во лавиринтот на безнадежноста во потрага за подобро утре и подобри ние, што за жал е секојдневие на повеќето луѓе кои живеат на просторите на поранешната СФРЈ.

Претставата „Бара“, во сценарио и режија Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, театарската група на Црвен крст Охрид премиерно ја изведе на отворањето на овогодинешниот Аматерски младински театарски фестивал „Вдиши Театар“.

– Посетата на Црвен крст Требиње, волонтерите на Црвен крст Охрид ја искористија за воспоставување нови пријателства и дружење со волонтерите на Црвен крст Требиње и запознавање со знаменитостите и убавините на овој крај. Оваа средба на младите во Требиње ќе ја зајакне и прошири постоечката соработка на двете организации на Црвен крст и во делот на театарската уметност со дефинирање на учеството на волонтери на Црвен крст Требиње на Аматерскиот младински театарски фестивал „Вдиши Театар“ наредната година во Охрид, информираат од Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука