Охрид, 12. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Минатата година во касата на Општина Охрид се слеале половина милион евра како приход од туристичка такса.
– Годинава, според параметрите, би требало да се надмине оваа бројка, но сумираните резултати ќе ги имаме кон крајот на годината, вели градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
Полека, но сигурно Охрид зад себе ја остава една од поуспешните сезони во текот на последните години.
Градоначалникот е задоволен и додава дека согласно најавите за исполнетоста на хотелско – угостителските објекти посетители ќе имаме и до средината на следниот месец.
Во првата половина од годинава бројот на странски туристи пораснал за 46,8% во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во периодот јануари-јуни 2023 година, бројот на ноќевањата е зголемен за 18,8 %.
Кај домашните туристи има намалување за 1,2 %, а кај странските има зголемување за 32,9 %. Во јуни се регистрирани над 110 илјади туристи, од кои 23,5 % биле домашни, а 76,5 % биле странски. Од странските туристи најбројни биле Турците, пред Србите и Полјаците.
Според интернет порталот accuweather.com, специјализиран за следење на временската прогноза, во Охрид во септември не очекува релативно топло време, особено во текот на првата половина на месецот, што секако ќе придонесе за продолжување на сезоната оваа година. Водата е се’ уште топла и бројните гости, но и охриѓани, уживаат во убавините на езерото. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес