Струга, 13. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска Информативната теренска кампања за презентација на новостите и можностите со новата Ипард 3 програма караванот на претставници на секторот Ипард при Министеството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на Република Македонија и Платежната ја продолжија во Дебрца и Струга.
Кампањата „Нови можности за македонското земјоделство“, има за цел да ги доближи до секој еден потенцијален корисник сите новости и можности кој ги нуди оваа програма. Прва земја во регионот сме која стартува со реализација на новата Ипард 3 програма. Вкупната вредност на програмата изнесува 97 милиони евра, европски неповратни сретства наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство.
– Првите 30 милиони евра веќе се на располагање за инветиции со првиот јавен повик, на 1 септември го распишавме првиот јавен повик од новата Ипард 3 програма кој се однесува за мерките 1 и 7. Овој јавен повик е отворен до 15 октомври, со можност за продолжување до 1 ноември 2023 година. Мерката 1 од јавниот повик се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, а како приоритетни сектори се јавуваат растителното производство, сточарското производство, производството на риба, потоа преработка и маркетинг на сопствено земјоделско производство на земјоделско стопанство и инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби. Додека мерката 7 од јавниот повик се однесува на диверзификација на фарми и развој на бизниси, а како приоритетни сектори се јавуваат алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалоци, производство на не-прехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности, поддршка на услуги за рурално население, поддршка на услуги во земјоделство и поддршка на рурален туризам, информираат од МЗШВ.
Информатвните презентации ги спроведуваат претставниците на секторот Ипард при МЗШВ и Платежната Агенција, детално објаснувајќи ги новостите од Ипард 3 програмата, како и можностите за инвестиции со првиот јавен повик од Ипард 3 за мерките 1 и 7.
Дополнително сите заинтересирани корисници или група на граѓани кои пројавуваат интерес за одржување на инфо средба каде би биле запознаени со новата Ипард 3 програма, можат по електронски пат да закажат средба на меил адресата [email protected], или телефонски преку секторот за Ипард при МЗШВ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива