Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Охридскиот затворен базен останува едно од омилените предизборни ветувања на политичарите

Скопје/Охрид, 14. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Изградбата, а особено одржувањето на базени, посебно со големина на оној кој полека се гради во Охрид е исклучително „скап спорт“.

Тоа го знаат сите кои го имаат овој „луксуз“ дома, но кога станува збор за државни проекти, во време кога се има пари за многу работи, никако да најдеме време, пари и желба да го завршиме затворениот базен во Охрид, градот на вода, кој се’ уште нема ваков објект.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, стружанецот Наумче Мојсовски вчера најави дека се градат 14 училишни базени на целата територија на државата. Тоа е секако за поздравување, но каде е тука Охрид. Во соседна Струга веќе е комплетно реновиран објектот кој скоро 20 години беше вистинска руина со купишта смет.

Затворениот базен во Охрид започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Но, од тоа ништо. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…

Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука