Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Шокаровски: Нова метода на Клиниката за кардиохирургија, првпат ставен стент на лак на аорта кај пациент со аневризма

Скопје, 15. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Универзитетската клиника за државна кардиохирургија првпат стави стент на лак на аорта кај пациент со аневризма на лакот на аортата. Оваа специфична метода лекарите од Државната кардиохирургија велат дека во регионот се изведува само во Грција и Словенија за пациенти кои се високоризични.

– Станува збор за воведување на една нова метода, ендоваскуларна, која за прв пат се воведува во регионот и пошироко и која на многу полесен начин ќе го овозможи третманот на пациентите кои се во потешка здравствена состојба. Се изведува со полесна анестезија и престојот во болница е пократок, изјави директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, охриѓанецот Д-р Марјан Шокаровски.

Станува збор за специфична метода. Се става стент на лак на аорта кај болест која се вика анеуризма на лак на аорта. Ова е многу сериозна болест со висока смртност, доколку не се лекува. На Универзитетската клиника за државна кардиохирургија таа рутински се работи, хируршки отворено лакот на аорта и хибридно, но за прв пат е ставен стент на лак на аортата. Оваа метода се применува кај пациенти кои имаат висок ризик од операција и се проценува дека нема да можат да го издржат хируршкиот третман.

Охриѓанецот Д-р Марјан Шокаровски е назначен за нов директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија на 22. јуни 2023 година, откако беше дел од тимот на клиниката од нејзиното основање. Тој е супспецијалист по кардиохирургија, завршена во Универзитетски клинички болнички центар во Загреб, има повеќегодишно хируршко и академско искуство во оваа област, раководител е на оперативниот блок, ангажиран е и како асистент на Медицинскиот факултет-Скопје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука