Ријад/Охрид, 16. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Одлуката на Комитетот го обезбедува потребното време за натамошните значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот Регион, порача од Ријад, Кралство Саудиска Арабија, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која учествува на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
– Работејќи заедно со Република Албанија, ние сме решени да го направиме управувањето со овој регион пример за соработка, да ги обезбедиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион и да го пренесеме на следните генерации. Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата“, соопшти министерката Шукова.
На сесијата на Комитетот на УНЕСКО министерките Костадиновска- Стојчевска и Шукова посочија дека експертски тимови од Република Македонија и Албанија изготвија Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, што е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите коишто имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот. Тоа е и позитивно оценето од страна на Комитетот за светско наследство и е нотирано во Одлуката од сесијата на Комитетот во Ријад.
Охридскиот Регион, како универзална вредност, останува на листата на светско наследство на УНЕСКО, беше официјално сооштено на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Комитетот ја препозна грижата на Република Македонија за богатото охридско културно наследство и одговорноста кон Охридското Езеро. Исто така, Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Македонија и Република Албанија за зачувување на престижниот статус на Охридскиот Регион како светско наследство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес