Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Жанко ЗШ Голабоски во 4 дена се искачи на 3 врва за поддршка на лицата со Мултипла склероза

Охрид, 17. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Активистот и познат радио водител Жанко ЗШ Голабоски во 4 дена се искачи на 3 врва во знак на поддршка на лицата со Мултипла склероза (МС).

– Четири дена, три врва за поголема свест за МС. Лако Сигној, Галичица, на 1.984 м.н.в, Црн врв, Јабланица на 2.257 м.н.в и Кораб, на 2.764 м.н.в. Ви благодариме од срце, порачаа од Национално здружение за Мултипла склероза.

И овој септември, комплетната екипа на охридското Супер радио и активистот Жанко ЗШ Голабоски даваат силна поддршка за лицата со Мултипла склероза (МС). Жанко најави планински искачувања и дарувања крв во знак на поддршка.

– Секој миг, секој час, секој ден е вистинско време за подигнување на општата свест за мултипла склерозата. Ние се бориме, но со помош на пријателите сме непобедливи. Ги искачуваме врвовите за лицата кои се борат со оваа болест. Да ја подигнеме јавната свест за МС, вели Голабоски.

Супер радио минатата година беше дел од екипата која го адаптираше видеото „Мојата мајка има МС“ на македонски и албански јазик за предизвиците и справувањето со МС. Во рамки на четвртата сезона од националната кампања „Ги запознаваме ретките болести”, благодарение на добрата соработка со Национално здружение за МС – National association for MS ја обработивме Мултипла склерозата кај детската популација.

Инаку Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза четврта година по ред ја спроведува кампањата Септември – месец за подигнување на свеста за мултипла склероза.

Оваа кампања има за цел преку физичката активност (пешачење, искачување планини, возење велосипед и други активности) да ги анимира лицата со МС и нашите поддржувачи за да се подигне свеста за МС, односно пошироката популација да се запознае со оваа состојба, како и со потребите и предизвиците со кои се соочуваат лицата кои боледуваат од МС. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука