Скопје/Охрид/Струга, 18. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на годината, заклучно со месец август, во Република Македонија се пријавени вкупно 34 нови случаи на зараза со ХИВ/СИДА.
Најмногу случаи се регистрирани минатиот месец, односно 8, покажува најновиот извештај објавен од Институтот за јавно здравје, а изработен од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања. Најголем дел од заразените се мажи, а само 4 се жени. Меѓу заразените со ХИВ/СИДА двајца се на 20-годишна возраст. Највозрасниот заразен има 59 години. Најмногу заразени има во Скопје, јави Слободен печат.
Од 8-те пријавени случаи во август, 3 лица се странски државјани со привремен престој во Македонија. Од пријавените лица, 6 се од машки, а 2 од женски пол. Четири лица се од Скопје (вклучително и странските државјани), две лица од Охрид и по едно лице од Гостивар и Струга и се на возраст од 21 до 55 години. Шест од регистрираните лица се хетеросексуалци, додека две заболени лица се припадници на МСМ популацијата (мажи кои имаат секс со мажи).
Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи (заклучно со 31-ви август 2023 година), кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Македонија, за периодот 1987-2023, изнесува 620, од кои 123 лица починале, а 497 лица живеат со ХИВ/СИДА, на наведува во последниот извештај на ИЈЗ. (Крај)
извор: Слободен печат/Марина Дамческа фото: архива