Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Бектеши: Производите од среда ќе се продаваат со ознака „гарантирана цена“

Скопје, 18. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија утре на седница ќе ја утврди листата на производи кои од среда ќе се продаваат по намалена, гарантирана цена, и не ќе смеат да поскапат до 30-ти ноември.

Станува збор за 25 категории и над 50 производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија кои во маркетите ќе се продаваат со ознака, а ќе чинат колку што се продавале на 1 август и дополнително на тоа намалени за минус 10 отсто. Ова денеска на прес-конференција го најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Листата на производите, како што нагласи министерот, е направена според анализите на Државниот завод за статистика за тоа што најмногу трошат граѓаните.

На оваа листа не се алкохолните и безалкохолните пијалаци, но Бектеши рече оти е уверен дека и тие ќе се продаваат со ознака „гарантирана цена“.

– Ги повикувам производителите и диструбутерите кои не се наоѓаат на листата, доброволно да се пријават за намалување на цените, односно да не се почувствуваат дискриминирани, да се пријават нивните производи да имаат ознака ‘гарантирана цена’. Јас утре ќе имам разговори со производителите и диструбутерите на алкохолни и безалкохолни пијалаци и чекам позитивен фидбек за да се намалат и нивните цени до 30 ноември. Има интерес од одредени компании во вакво кризно време да станат општествено одговорни компании и да им излезат во пресрет на граѓаните, изјави Бектеши и најави казни за злоупотреби согласно Законот за трговија и Законот за потрошувачи.

Тој најави дека за подобра заштита на потрошувачите, Министерството за економија изготвило ново законско решение за нефер трговски практики кое содржи одредени механизми за казнување и злоупотреба во делот на формирање цени, и овој предлог закон ќе биде поднесен во Собранието со европско знаменце.

Исто така, рече Бектеши, ќе се зголемат и надлежностите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Министерот за економија најави и измени во делот на акциите кои можат да ги прават маркетите. Тој објасни дека ќе бидат дозволени акции на производи заради уште пониски цени од гарантираната. Но, ако има акција поради истек на рокот на некој производ, тоа јасно мора да им биде нагласено на потрошувачите за да не бидат доведени во заблуда. (Крај)

извор: 360 Степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука