Охрид, 20. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во август 2023 година, ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродромa, „Меѓународниот Аеродром Скопје“ и Aеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид опслужи 357.794 патници и 2.510 летови.
– Бројот на опслужени патници во август ги надмина бројките од 2022 година за 17%, додека бројот на летови во август 2023 е за 15% поголем од август во 2022 година, информираат од ТАВ Македонија.
Со тоа уште еднаш се потврдуваат податоците на Државниот завод за статистика, дека зад нас оставаме една успешна туристичка сезона.
Во Македонија во јули годинава биле евидентирани над 197 илјади туристи, од кои 46 отсто домашни и 54 проценти странски. Најатрактивни туристички места и за домашните и за странските туристи биле езерските места, меѓу кои доминира нашиот Охрид.
Во однос на сместувањето, странските туристи најчесто се сместувале во хотели, а домашните туристи во куќи или станови за издавање. Најмногу туристи дошле од Турција, пред оние од Србија, Полска и Романија.
Со чартер линиите за Охрид и југозападниот регион годинава се зголеми просечниот престој на странските туристи.
– Како дестинација без море и дестинација за четири сезони смета дека треба да се фокусираме на повеќе нешта со намалување на кружните патувања, како и понуда на пакет аранжмани од три, пет и седум дена на големи тур-оператори кои треба да ја сервисираат нашата дестинација. Природата, националните паркови, културното и историското богатство се наши јаки страни, потенцираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива