Избор Спорт Струга ТОП ВЕСТИ

Светско екипно првенство во шах за сениори во Струга

Струга, 21. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Шаховската федерација (ШФМ) на Република Македонија, од 18-ти до 28-ми септември 2023 година, во хотелот „Изгрев“ во Струга се одржува Светското екипно првенство во шах за сениори, прво натпреварување од светски ранг кое и е доделено на ШФМ по Шаховската Олимпијада во 1972 година.

Првенството беше свечено отворено во понеделникот, на 18-ти септември, кога во присуство на голем број гости, шахисти и официјални претставници на присутните им се обратија претседателот на федерацијата Саша Богдановиќ, почесниот претседател на комисијата за организирање на настани на Светската Шаховска Организација (FIDE) Озгур Сулакоглу и заменик директорот на Агенцијата за млади и спорт Исак Лизами.

– Првенството се одржува во две старосни категории за шахисти постари од 50 години и шахисти постари од 65 години. На истото учествуваат 48 екипи од целиот Свет, вкупно 220 шахисти меѓу кои 37 велемајстори, 2 женски велемајстори и повеќе од 100 титулирани играчи ќе ги водат своите шаховски битки. Партиите ќе се играат секој ден во конгресната сала на хотел „Изгрев“, со почеток во 15:00 часот. Салата ќе биде отворена за посетители, сите љубители на шахот кои сакаат одблизу да го следат првенството се добредојдени. Како организатор го задржуваме правото да го ограничиме правото на влез доколку настане преголем метеж во салата за игра, информираат организаторите.

Република Македонија има 4 екипи пријавени на ова првенство и тоа три во категоријата за играчи постари од 50 години:

1. Македонија Алкалоид во состав: ГМ Кирил Георгиев, ВМ Трајко Недев, ВМ Влатко Богдановски, ВМ Звонко Станојоски, ВМ Роландо Кутиров
2. Македонија слепи во состав: Жарко Седловски, Зоран Костадиновски, Санде Атанасаов, Блаже Атанасовски
3. Македонија жени 50 во состав: Маре Крстевска, Снежана Брзовска, Лиле Аларова, Хилда Црнеска, Олга Ангеловска

И една екипа во категоријата за играчи постари од 65 години во состав: Миле Трајковски, ФМ Александер Кралевски, Илија Стошевски, ФМ Љубомир Илиќ, ФМ Љубомир Хаџи-Манев.

Партиите ќе се играат на електронски табли и истите ќе се пренесуваат во живо на YouTube каналот на FIDE  со шаховски коментар од нашиот познат велемајстор некогашен член на шаховската репрезентација на Македонија ГМ Александар Чоловиќ.

Свеченото затварање е закажано за 28-ми септември 2023 година во 20:00 часот во хотел „Изгрев“.

Шаховската Федерација на Република Македонија (ШФМ) е највисоко тело на организирање на шаховските клубови во државата, долги години е активна во организација на националните шаховски натпревари, но и на меѓународни натпревари поддржани од Европската Шаховска Унија (ECU) и Светската Шаховска Федерација (FIDE). Ова е прв светски шаховски настан по Шаховската Олимпијада во 1973 година кој ни е директно доделен од FIDE, што претставува голема чест за ШФМ, но и за Република Македонија. Во моментов во ШФМ има 32 активни клубови, триесетина официјални шаховски судии со лиценци од FIDE, и 32 шаховски тренери со FIDE лиценци. ШФМ секоја година организира поединечни и екипни сениорски и јуниорски шаховски првенства и активно учествува во сите меѓународни натпревари светски и европски екипни и поединечни првенства. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука