септември 24, 2023

Скопје/Струга, 24. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Неколку маркети во Струга, Кичево и Скопје заработија клуч на врата оти ги лажеле купувачите дека производите се поевтини или воопшто не ставиле етикета „гарантирана цена“. Може да останат затворени од 3 до 30 дена. Покрај тоа, ќе мора да платат и парична казна.

– Во текот на вчерашниот ден затворени се пет големи ланци на маркети, но и казнети вкупно седум во вредност од над 4 и пол милиони денари. Треба да стои точно видлива ознака „гарантирана цена“, а имаше случаи каде не стоеше таква ознака, а беше намален производот. А имаше и случаи каде што стои „гарантирана цена“, не е намален производот, или пак, стои производ и цена со „гарантирана цена“ којшто не е опфатен во мерките на Владата, а истиот не е намален, со што се доведува во заблуда потрошувачот и граѓанинот. Тоа нема да го дозволиме, рече директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Компромис нема да има, вели првиот човек на пазарниот инспекторат. Тој ги повика маркетите сами да затворат и да се прилагодат на новите правила, а ако не го сторат тоа, ќе се соочат со високи казни.

– Нашата цел не е да ги затвориме сите маркети во нашата држава и да не функционираме. Нашата цел е тие кои покрај пет-дневниот период во кој можеа да се прилагодат и да ги средат сите овие работи, подобро е самоиницијативно во понеделник да си ги затворат објкетите и да ги средат сите овие работи па да ги отворат, бидејќи во спротивно ќе постапуваме и со казни, а доколку увидиме и нечесни трговски практики, ќе постапуваме и со затворање, вели директорот Трајковски.

Во меѓувреме, граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека во маркетите скоро и да нема овошје и зеленчук, а на пазарите се продава по стара цена. Ова е спротивно на одлуката на Владата со која се обврзани да имаат најмалку 70% од количините кои ги имале во август.

Следната недела ќе се носи одлука за алкохолните и безалкохолоните пијалоци, а се прави анализа дали и колку може да поевтинат и хигиенските производи. (Крај)

извор: ПлусИнфо фото: ПлусИнфо

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука