септември 27, 2023

Охрид, 27. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден на туризмот, а Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија бележи една од поуспешните сезони во текот на последните години.

Градоначалникот Кирил Пецков во неколку наврати изрази задоволство од исполнетоста на градот. Особено радува фактот што задоволителна исполнетост со странски туристи се бележи и во овој есенски период. Минатата година во општинската каса се слеале половина милион евра приход од туристичка такса. Годинава, според параметрите, би требало да се надмине оваа бројка, но сумираните резултати ќе ги имаме кон крајот на годината.

Дека имавме повеќе од успешна сезона покажуваат и податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Директорот Љупчо Јаневски вели дека во првите седум месеци во 2023 година, Охрид и Скопје се најпосетувани градови од туристите и ги надминаа резултатите од 2019 година.

– Туристичкиот промет кај нас покажа раст и во вториот квартал за 2023 година и изнесува 136 милиони долари во македонската економија, со раст од 28% споредбено со истиот период 2022 година. Двата квартали во 2023 се со раст од 24% споредбено со претходната година. Вкупно двата квартали за 2023 година имаат раст од 24% компарирано со периодот од изминатата година, односно 229 милиони долари прилив од туристичкиот промет во БДП-то, вели Јаневски.

Проекциите се годинава да ја завршиме со остварени 3,3 милиони ноќевања и 500 милиони долари од македонскиот туристички сектор во домашната економија.

Како и секоја активност, туризмот има силни ефекти врз економијата, општеството и животната средина во земјите од кои доаѓаат туристите, а особено во земјите што примаат туристи. Во текот на изминатите шест децении, туризмот доживеа континуирана експанзија и диверзификација и стана еден од најбрзо растечките и најзначајните економски сектори во светот.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот дел на туризмот, македонското министерство за економија ќе додели признанија за учесниците во туристичко-угостителскиот процес за 2023 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука