Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Годишна конференција на Македонската берза во Охрид

Охрид, 27. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Развојот на пазарот на капитал е клучен за поддршка на развојот на економијата, затоа е важно да ја развиеме Берзата, да понудиме новитети и иницијативи. Во таа насока Министерството за финансии оваа година воведе нови инструменти. Во текот на летото беше издадена првата емисија на граѓанската обврзница и од денеска на пазарот на капитал се воведува уште еден нов инструмент тоа е зелената обврзница, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими, кој се обрати на отворањето на Годишната конференција на Македонската берза, што се одржува во Охрид.

– Оваа година воведовме нови инструменти на пазарот на хартии од вредност. Тоа се граѓанската, што имаше успешна реализација, во кој процес се вклучија голем број граѓани и во октомври 2023 година ќе следи уште една нова емисија на граѓанска обврзница. Тоа беше процес во кој добивме поддршка и од банките, а кој е во интерес на развојот на пазарот на хартии од вредност. Денеска имаме добра вест. Првпат ќе издадеме зелена обврзница од 10 милиони евра. Тоа е двегодишна обврзница со камата од 4,75%, која ќе биде наменета за правните субјекти и за граѓаните. Меѓутоа сметам дека граѓаните ќе најдат поголем интерес за граѓанската којашто ќе има 5% каматна стапка, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека покрај овие два инструмента на Берзата редовно се тргува со обврзниците за денационализација, а наскоро дел од тргувањето на Берзата ќе бидат и структурните обврзници.

Според министерот е важно да се нудат креативни решенија и нови инструменти на пазарот коишто ќе овозможат полесен пристап до финансиски средства за малите и средните претпријатија, како и за новите идеи. Посака успешна работа на Конференцијата и потенцира дека конференциите се настани кои служат да се претстават нови идеи, да се дадат нови инцијативи и институциите да станат поефикасни во работењето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука