Избор Спорт Струга ТОП ВЕСТИ

Викендов на „Машка плажа“ во Струга се реализираа завршните активности од проектот „Зелен Кајак“

Струга, 27. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Кајак кану клубот „Дрим“, под мотото „Биди Еко-спортист, придонеси природата да расне!“, викендов на „Машка плажа“ во Струга, успешно беа реализирани завршните активности од проектот „Зелен Кајак“.

На настанот учествуваа спортски рекреативци, екологисти и волонтери, членови на кајак и СУП клубови од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија. За сите заинтересирани одржана беше Еколошка работилница после која следувашеЕко-регатата. Стартот на еко-регатата беше на „Машка Плажа“, а собирањето на отпад се одвиваше долж крајбрежниот појас, во правец према Црвен Крст, Струга, во должина од еден километар.

За неполн час, еко-волонтерите собраа 970 килограми отпад. За најуспешните тимови следуваа симболични награди. Спроведени беа и мини-обуки за управување на кајак за сите заинтересирани посетители на настанот, од страна на професионални тренери од Србија, Хрватска, Бугарија и Република Македонија.

Како финална проектна активност беше организирана Меѓународна натпреварувачка кајак регата на која учествуваа кајак клубови од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија и тоа: Кајак кану клуб „Дрим“ од Струга, Република Македонија, Клуб „Братство“ од Србија, „Водена Земја“ од Бугарија и Хрватскиот кајакарски сојуз.

Најдобар екипен пласман постигнаа натпреварувачите од Хрватска, како второ пласирани завршија учесниците од Македонија, а потоа следува Србија како трето пласирани и Бугарија на четвртата позиција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука