Струга, октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Струга се одржа работен состанок со мешовитиот експертски тим за изработка на Студијата за оправданост за урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро, предводен од Џејн Томсон, истакнат експерт, поддржан од УНЕСКО.
Целта на овој работен состанок беше подетално запознавање на главните заинтересирани страни со процесот на подготовка на Студијата и примена на GIS алатка за прибирање, презентирање и управување со податоците во рамките на природното и културно наследство на Охридскиот регион. Овој состанок се заснова на Иницијативата на Работната група за подготовка на урбанистички план од државно значење за крајбрежниот појас на Охридското Езеро, формирана од Владата на Република Македонија, која има за цел да одржи повеќе состаноци во Охридскиот регион.
Во Општина Струга се одржа средба помеѓу градоначалникот Рамиз Мерко и соработниците од областа на урбанизмот, заштитата на природната средина, културното наследство и туризмот, како и локалниот економски развој, со мешовитиот експертски тим, во соработка со Менка Спировска, координатор на националниот експертски тим за Студијата. На средбата, покрај експертскиот тим присуствуваа и претставници од агенциите на Обединетите Нации, односно Матео Розати од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО и претставник од УНЕП или УНДП тимовите во земјата, кои го помагаат процесот на подготовка на Студијата од финансиски и логистички аспект.
– Овој мешовит експертски тим од домашен и меѓународен карактер е единствениот кој организирал ваков работен состанок во Струга, тим кој сериозно и со најголемо внимание ги слушна нашите барања и потреби и реално ја оцени целокупната состојба со Охридскиот регион. Ова е тим кој вистински ги дава на располагање сите свои човечки ресурси за успешна изработка и реализација на студијата за урбанистичките планови за крајбрежјето на Охридското Езеро, потенцираат од Општина Струга.
Додават дека ова било лично истакнато од сите присутни експерти од мешовитиот тим, особено од Џејн Томсон со нејзината и визијата на локалната самоуправа за тоа каква ќе биде Струга во текот на следните четириесеттина години.
– За жал, мора да истакнеме дека најголемиот дел од проблемите и потешкотиите кои настанаа и се’ уште постојат во Охридскиот регион произлегува од Општината Охрид и нејзините раководители, кои постојано, под патерицата на од нив платени медиуми, организации и лобисти, ја напаѓаат нашата општина за секаков аспект во секое време и место, без никакви аргументи. Општина Струга, најодговорно и најпрофесионално ги извршувала, ги извршува и ќе ги извршува сите обврски спрема задолженијата кои произлегуваат од мониторинг мисијата на УНЕСКО и од заклучоците од Самитот на УНЕСКО. Ова го потврдува и еден од членовите на мешовитиот експретски тим, кој меѓу другото, образложи дека Општина Струга, според УНЕСКО, ја одржува на највисоко ниво заштитата на животната средина, во делот од Струга, но и тоа дека сите инсинуации, шпекулации и напади се невистинити за Струга и за Општина Струга, а тие доаѓаат токму од медиумите и од Општина Охрид, потенцираат во информацијата објавена на официјалната страна на Facebook на Општина Струга. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Општина Струга