октомври 6, 2023

Струга, 6. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – За поетска Струга и македонската културна јавност, претстојниов викенд, ќе мине во знакот на Меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“ – 2023, една од двете најзначајни во градот на Миладиновци.

Манифедтацијата започнува утре, од 18:00 часот, во Големата сала на НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“, со промоција на трите тома од книгата „Мојата Струга“ на Наум Бајо, новинар и книжевник, член на Друштвото на писателите на Македонија. Во рамките на манифестацијата, ќе бидат доделени неколкуте востановени награди „Петковиот Аманет“ за оваа година. Ќе бидат доделени и благодарници и признанија на застапинете лица, или на нивни претставници, во трите тома од книгата „Мојата Струга“.

Награда за „Животно дело“ ќе ја прими Мишо Китаноски, новинар, публицист, поет, раскажувач и автор на телевизиски сценарија. Како поет преведуван е на десетина јазици. Во публицистиочката дејност, остави траг со обработката на теми за Македонците во Пиринскиот крај, децата бегалци од Егејска Македонија, како и за македонските Евреи во Штип, од доселувањето до холокаустот. Втемелувач е на „Вевчанското културно лето“ и на „Печалбарските денови“.

Наградата „Автор на годината“ („Македонска поетска ризница“), годинава, оди во рацете на младиот, а веќе пошироко афирмиран автор, Дарко Лешоски. Има објавено неколку книги поезија, а вниманието кон себе го сврти уште со првата „Дете од лоша фамилија“, од 2013 година. Преведуван е на англиски, словенечки, кинески и на други јазици.

Награда за „Млад автор на годината“ доделена и’ е на Емилија Карафилоска. Минатата година, на Конкурс по повод Св. Петнаесет Тивериополски Свештомаченици Струмица на Градската библиотека „Благој Јанков Мучето“, нејзината поетска творба ја освои првата награда.

Наградата за „Посебни книжевни достигнувања на автор од странство“, ќе ја прими и пред публиката ќе се претстави познатиот црногорски книжевник, Лабуд Н. Лончар. Има објавено 5 збирки поезија, пишува проза и е колумнист во релевантни медиуми. Песните му се преведени на германски, англиски, француски, полски, руски, русински, македонски и бугарски јазик. Основач е и претседател на Меѓународното здружение на книжевни автори и уметници „Неказано“ од Бар.

Во недела, на 8-ми октомври, манифестацијата се сели во питоресткниот амбиент на Вевчани, каде, во црквата „Свети Никола“, и крај познатите Вевчански извори, ќе се одржи поетски хепенинг на кој ќе настапат сите учесници на годинешните „Струшки книжевни средби“. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука