Струга, 11. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Струга е домаќин на Академијата за дијалог за млади жени организирана од Мисиите на ОБСЕ во Косово и во Србија.
По 12 млади жени од Косово и Србија, под покровителство на ОБСЕ, учествуваат на десетдневната Академијата за градење на доверба.
– Охридскиот рамковен договор од 2001 година стави крај на краткиот конфликт иницирајќи траен период на стабилност и просперитет преку интеграција, индивидуална и колективна. Со договорот од Преспа беше ставен крај на повеќедеценискиот спор околу името, но и се воспостави нашето стратешко партнерство со Грција. За да се видат резултатите од овие договори потребна е постојана работа, посветеност и понатамошен дијалог, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ.
Тој пред учесничките го сподели и искуството на Република Македонија во медијацијата на случајот што директно ги засега учесничките, а тоа е Охридскиот договор од 2023 година за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Османи истакна дека во процесите на преговарање и дијалог мора да бидат вклучени и жени кои ваквите искуства, како што е ОБСЕ Академијата за дијалог, можат да ги искористат за да внесат нов и конструктивен пристап при справувањето со предизвици искористувајќи ги нивните мрежите за соработка и искуството што го имаат.
Приближувањето на младите од Косово и Србија е едно од главните приоритети на ОБСЕ во двете земји. Академијата за дијалог за млади жени е само една од формите преку која, Мисијата на ОБСЕ во Косово и Мисијата на ОБСЕ во Србија, ги зближуваат младите, менувајќи го наративот во контекст на дијалогот Приштина-Белград. Зајакнување на жените и нивно еднакво вклучување во процесите на одлучување, како и учество во безбедносниот сектор, се клучни приоритети во програмата на Претседавањето на Република Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
ОБСЕ Академијата за дијалог за млади жени е основана во 2015 година со цел вмрежување на млади жени од Косово и од Србија и нивна соработка за намалување на предизвиците меѓу двете општества, промовирање на дијалог и градење мир. Мрежата на Академијата брои повеќе од 180 членови и редовно организира настани кои промовираат дијалог помеѓу младите од Косово и Србија, солидарност и доверба. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива