Охрид, 19. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охрид доби контејнери за собирање на ситен електронски отпад.
Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“ од Скопје во соработка со Општина Охрид и JП „Охридски комуналец“ достави вкупно 10 вакви контејнери, распоредени на повеќе локации низ градот.
– Во соработка со Општина Охрид и јавното комунално претпријатие доставени се вкупно десет контејнери. На самите контејнери е наведено што сѐ може да се одлага во нив: електричен и електронски отпад, батерии, акумулатори, мобилни телефони, мали куќни апарати…, а објаснета е и постапката за депонирање на отпадот. Важно е да се напомене дека контејнерите не се наменети за одлагање на комунален отпад, секојдневен отпад од домаќинставата, стакло, хартија, пластика, облека и слични материјали, информираат за Супер радио и OhridPress од „Нула отпад“.
Што се однесува до одлагање на големите електронски уреди на располагање стои еко линијата, граѓаните со јавување на телефонскиот број 070/236-000 ја пријавуваат локацијата и ваквиот отпад бесплатно ќе биде подигнат од нивниот дом. Со ова се прави значаен чекор во напорите за промоција на одржливоста и заштита на животната средина.
Од „Нула отпад“ за следната недела најавија одржување на еколошка едукација во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, за ученици од трето и четврто одделение. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес