Штип/Охрид, 20. октомври 2203 (ОХРИДПРЕС) – Песната „Bella“ на Лара Иванова од Скопје и охриѓанецот Христијан Настески- Пајак е прогласена за најслушана песна меѓу две изданија на фестивалот Макфест во Штип.
Тие ја добија и единствената парична награда на фестивалот во висина од 120.000 денари.
– Пресреќни сме што создадовме хит кој само на YouTube е преслушан над 25 милиони пати, најмногу на Балканот и во Македонија, рекоа Лара и Пајак.
Од првата фестивалска вечер на млади надежи, жирито и публиката ќе изберат пет песни, кои ќе бидат изведени утревечер на ревијалната вечер, каде ќе слушнеме вкупно 18 фестивалски рефрени. Освен Владо Јаневски и Ламбе, кој ќе пее во дует со Полина, меѓу учесниците се и: Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Симона Поповска, Таско и Ем Џеј, Бојана Скендеровски, Андријана Јаневска, Зоран Илиев и Боно, Давид Миладинов и групата „Љубојна“, која првпат ќе настапи на фестивал на забавна музика.
Награда ќе има само една, за најслушана песна меѓу два фестивала. Песните ќе бидат ставени на носач на звук, а цедето ќе биде готово до почетокот на фестивалот. Водителската двојка е истата од лани, Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски, а ќе има и познати презентери.
Македонска телевизија директно ќе го пренесува фестивалот Макфест на нивната Прва програма, а ќе го емитува и Македонското радио. (Крај)
извор: ОхридПрес/сдк.мк фото: архива